• Подигнете ги парите од вашиот пензиски фонд ако имате смртоносна болест или повреда

    Ако имате смртоносна болест или повреда, промените во даночните закони значат дека можеби можете да ги подигнете парите од вашиот пензиски фонд (super) без да платите данок на парите што ќе ги повлечете. Оваа промена важи од 1 јули 2007 г.

    Како да ги повлечам парите од мојот пензиски фонд ако имам смртоносна болест или повреда?

    Треба да поднесете барање директно до вашиот пензиски фонд. Тие ќе донесат одлука да ги ослободат парите од вашиот пензиски фонд.

    Ако вашиот пензиски фонд ја одобри исплатата, ќе треба да им доставите лекарско уверение пред да можат тие да ви ги исплатат парите.

    Парите може да се исплатат само како еднократен износ.

    Треба ли да побарам финансиски совет?

    Треба да добиете независен финансиски совет пред да поднесете барање за предвремено ослободување на парите од вашиот пензиски фонд.

    Centrelink дава бесплатни и независни услуги што секој може да ги добие преку Службата за финансиски информации (FIS: Financial Information Service). За информации на други јазици може да им се јавите на бројот 13 12 02.

    Further Information

    За повеќе информации погледнете на местото на интернет на Centrelink .

    End of further information

    Какви лекарски уверенија ми се потребни?

    Ви требаат уверенија од двајца регистрирани лекари. Може да доставите едно уверение потпишано од двајцата лекари, или пак да доставите две посебни уверенија. Едното мора да биде од специјалист што работи во областа од која е вашата болест или повреда.

    Тие мора да потврдат дека страдате од болест или дека имате повреда од која најверојатно ќе умрете во рок од 12 месеци.

    Колку долго важат лекарските уверенија?

    Лекарските уверенија важат 12 месеци. Тоа се нарекува период на важност на уверенијата.

    Вашиот пензиски фонд може да ги ослободи вашите пари во било кое време во текот на тие 12 месеци додека важат лекарските уверенија.

    Кога треба да му ги дадам уверенијата на мојот пензиски фонд?

    Општо земено, треба да му ги дадете уверенијата на вашиот пензиски фонд кога ќе поднесете барање за исплата.

    Поразговарајте со вашиот пензиски фонд за тоа какви документи им се потребни.

    Колкав износ од пензискиот фонд може да повлечам?

    Нема утврдени ограничувања на износот што може да го подигнете, но исплатите зависат од правилата на вашиот пензиски фонд.

    Може да повлечете било колкав износ што го имате во вашиот пензиски фонд пред да истече периодот на важност на вашите лекарски уверенија.

    Attention

    Сите пари што ќе бидат вложени на сметката од вашиот пензиски фонд по истекот на периодот на важност на вашите лекарски уверенија не се опфатени со овој услов за ослободување на парите. Треба да поразговарате со вашиот пензиски фонд за тоа какви нови уверенија може да ви требаат.

    End of attention

    Дали ќе добијам преглед на исплатата од мојот пензиски фонд?

    Не. Вашиот пензиски фонд не мора да ви даде преглед на исплатата.

    Дали треба да престанам да работам за да ми бидат исплатени парите?

    Не. Не мора да престанете да работите за да ја добиете исплатата.

    Што ако мојот пензиски фонд не ми дозволи предвремено исплаќање на парите од мојот пензиски фонд?

    Ако вашиот пензиски фонд не дозволи предвремено исплаќање на парите од вашиот пензиски фонд кога имате смртоносна болест или повреда, може да размислите за тоа да ги префрлите вашите пари во друг пензиски фонд што дозволува таков вид на исплати.

    Треба да побарате независен финансиски совет.

    Дали треба да ја вклучам исплатата во мојата годишна даночна пријава?

    Не. Не е потребно да ја вклучувате исплатата во вашата годишна даночна пријава.

    Што ако ја имам вклучено исплатата во мојата годишна даночна пријава?

    Ако сте ја вклучиле исплатата во вашата годишна даночна пријава, може да имате право да ви бидат вратени парите од данокот.

    Пишете ни и побарајте работата да се исправи. Погрижете се да приложите примерок од вашето лекарско уверение.

    Пратете ни го вашето барање за исправка на еден од следните начини:

    • по телефакс на 1300 669 846, или
    • по пошта на
      Australian Taxation Office
      PO Box 3100
      RENRITH NSW 2740

    Што ако парите од мојот пензиски фонд ми биле исплатени под други услови за нивно ослободување?

    Ако сте добиле еднократна исплата на целиот износ од вашиот пензиски фонд под други услови за ослободување на парите, а имате смртоносна болест или повреда, можеби имате право да ви биде вратен износот на данокот што сте го платиле на тие пари.

    Треба да имате лекарски уверенија во кои е наведено дека имате смртоносна болест или повреда:

    • во времето кога била извршена уплатата, или
    • во рок од 90 дена откако ви биле исплатени парите.

    Како ќе ми бидат вратени парите од данокот?

    На вашиот пензиски фонд мора да му ги доставите бараните уверенија и барање за враќање на парите директно од нив.

    Ако поднесувате барање после 21 јули во наредната финансиска година од годината во која сте ја примиле исплатата, ќе треба да поднесете барање за враќање на парите од наша страна.

    Ако поднесте барање ние да ви ги вратиме парите, ќе треба да приложите примерок од:

    • прегледот на исплатата што сте го добиле од вашиот фонд, и
    • вашето лекарско уверение.

    Пратете ни го вашето барање на еден од следните начини:

    • по телефакс на 1300 669 846, или
    • по пошта на
      Australian Taxation Office
      PO Box 3100
      RENRITH NSW 2740

    Што со другите износи од пензискиот фонд на кои можеби имам право?

    Ние можеби чуваме и други износи од пензискиот фонд што би можеле да ви бидат исплатени ако имате смртоносна болест или повреда, на пример:

    • гарантирани исплати од пензискиот фонд
    • мали исплати од сметката во пензискиот фонд
    • неподигнати парични исплати, и
    • исплати на пари што вие сами сте ги уплаќале во вашиот пензиски фонд.

    За да дознаете дали чуваме било каква од овие исплати за вас:

    • побарајте од вашиот пензиски фонд да провери
    • ако не зборувате добро англиски а сакате да зборувате со даночен службеник, телефонирајте во Преведувачката служба на 13 14 50 за да ви помогнат да се јавите
    • побарајте на интернет со помош на  SuperSeeker, што може бесплатно да го користите 24 часа дневно, седум дена неделно преку нашето место на интернет ato.gov.au, или
    • симнете го и пополнете го формуларот Searching for lost super (барање изгубени пари од пензискиот фонд)(NAT 2476) што може да го најдете на нашето место на интернет ato.gov.au

    Како да ги подигнам другите износи од пензискиот фонд што се чуваат?

    Ако имате смртоносна болест или повреда и сакате да подигнете други износи од пензискиот фонд што се чуваат за ваша сметка:

    • побарајте од вашиот пензиски фонд да ги префрли сите износи на вашата сметка во пензискиот фонд, или
    • јавете ни се на нас за да побарате тие износи да бидат префрлени на вашата сметка во пензискиот фонд.

    Што да сторите/прочитате после ова

    Ако не зборувате добро англиски а сакате да зборувате со даночен службеник, телефонирајте во Преведувачката служба на 13 14 50 за да ви помогнат да се јавите.

    За повеќе информации на англиски јазик околу тоа како да ги подигнете парите од вашиот пензиски фонд ако имате смртоносна болест или повреда, погледнете во:

    • Tax-free super for members with a terminal medical condition (Пари од пензиски фонд ослободени од данок за членови што имаат смртоносна болест или повреда) (NAT 72024), и
    • Access to super for members with a terminal medical condition (Подигање на парите од пензискиот фонд за членови што имаат смртоносна болест или повреда) (NAT 71600).
      Last modified: 06 Aug 2010QC 24105